Хрватска и Албанија без право на грешка. За Суперкомпјутерот „коцкестите“ се фаворити

Хрватска и Албанија, денеска во Хамбург, од 15 часот, играат многу важен натпревар во второто коло од групата Б на ЕП. И двете селекции немаат право на грешка по поразите во првото коло.

Хрватска загуби од Шпанија со 0:3, по што Лука Модриќ и соиграчите ќе мора да сторат се’ да го оправдаат реномето како трета светска сила од Светското првенство (СП) 2022 година во Катар во дуелот против незгодната селекција на Албанија.

Албанците одлично стартуваа на мечот со Италија, поведоа со најбрзиот гол во историјата на ЕП, во 1. минута, но актуелниот европски првак сепак успеа да направи пресврт и да победи со 2:1.

– Знаевме дека овој натпревар може да биде многу важен уште пред почетокот на турнирот. Задоволен сум што сите во тимот се позитивни и не се обесхрабрени по поразот во првото коло.

Атмосферата во тимот е одлична. Мораме да играме подобро отколку на мечот со Шпанија, прокоментира селекторот на Хрватска, Златко Далиќ.

Во обложувачниците коефициентот за победа на Хрватска е 1,50, а за реми 4,00. Победата на Албанија се смета за големо изненадување, па оттаму и коефициентот 8,00.

Суперкомпјутерот на „Опта“ направи 10.000 симулации за шансите на Хрватска и на Албанија на денешниот меч. Според него шансите за победа на Хрватска се големи 62,9 отсто, на Албанците само 15,7, а преостанатите 21,3 отсто се дека ќе нема победник.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО