Женската ракометна репрезентација на Македонија утревечер (18 часот) во салата во СЦ „Борис Трајковски“ го игра првиот меч против Шпанија во квалификациите за Европското првенсвто (ЕП) 2024 што од 28 ноември до 15 декември ќе се одржи во Австрија, Унгарија и во Швајцарија. Реваншот е на 3 март.
-Не одиме со бело знаменце на мечот со Шпанија која е во „топ 5“ европски репрезентации. Атмосферата во репрезентацијата е добра, верувам дека тоа ќе се пренесе и на мечот од кој очекувам позитивен резултат, вели Кристијан Грчевски, селекторот Македонија во интервјуто за Спортско Радио 90,3 ФМ.
Шпанија ја има фаворитската на дуелот со Македонија која ќе се обиде да го искористи домашниот терен и поддршката од трибините.
– Дуелите со Шпанија се голем тест за нас, тие имаат повеќе добри, отколку слаби страни во играта. Но најважно е ние да бидеме со „ладни“ глави, да одиграме дисциплинирано и да се обидеме да ги искористиме нивните грешки, истакнува Грчевски.
За тоа колку се реални шансите Македонија да се најде во завршницата на ЕП годинава, Грчевски вели:
-Јас не се оптоварувам со минатото, фокусиран сум на следниот натпревар, на тоа што и како треба натаму да се сработи, како да одиме напред, за доброто на македонскиот женски ракомет. Ќе сториме се’ што е до нас да се најдеме на финалниот турнир на ЕП низ квалификациите и таму да не бидиме статисти, истакнува Грчевски.
Ракометарките се во добар ритам, единствениот проблем е повредата на Сања Дабевска уште на првиот тренинг (истегнување на страничен лигамент) поради што ќе ги пропушти двата меча против Шпанија.
– Се обидуваме да имплементираме еден нов систем во најдобрата селекција, не само како стил на игра и како тактика, туку и на однесување, соработката и следење низ целата година. Кога ракометарките дојдоа на подготовките веднаш знаеја која, каде и што ќе игра. Тоа беше новитет, но тие го испочитуваа и засега се’ оди добро, вели Грчевски.