Германската влада планира да усвои посебна декларација за намери за кандидатурата за домаќин на Летните олимписки игри (ЛОИ) 2040 година, објави јавната телевизија ЗДФ.
За неколку дена стартуваат Олимписките игри (ОИ) во Париз, следните Игри ќе се одржат 2028 година во Лос Анџелес, а 2032-та во Бризбејн.
Следното слободно место е за 2036 година, а во Германија се дебатира дали да се пријави за Игрите што ќе се одржат 100 години по оние во Берлин 1936 или за 2040 година.
Коалициската влада веќе издвои 2,2 милиони евра во федералниот буџет за 2025 година за можниот процес на аплицирање на Германија за Олимписките и Параолимписките игри. Германскиот олимписки спортски комитет (ДОСБ) веќе ја донесе основната резолуција за втората понуда во декември.
– Сигурно ќе дадеме изјава во првата половина на 2025 година за тоа кои се кандидатите, што правиме и како напредуваме, изјави за ЗДФ претседателот на ДОСБ, Томас Вајкерт.
ДОСБ моментално цели на понуди за 2036 или 2040 година, а наводно се заинтересирани Берлин, Хамбург, Лајпциг, Минхен и регионот Рајна-Рур.
Последните две кандидатури на Германија за Зимските олимписки игри (ЗОИ) 2022 во Минхен и за ЛОИ 2024 во Хамбург беа блокирани со референдуми. Минхен беше домаќин на последните ЛОИ во Германија 1972 година.