Фудбалерите на Германија ќе добијат парична награда од 400.000 евра доколку победат на Европското првенство (ЕП), на кое се домаќини, објавија медиумите во таа земја.
Истата премија важеше и за ЕП 2020, како и за Светското првенство (СП) 2022 година, но Германците на тие турнири беа елиминирани во осминафиналето, и во групната фаза. Директорот на Фудбалска федерација на Германија (ДФБ), Андреас Ретиг потврди дека челниците на федерацијата и капитенот Илкај Гундоган се договориле за бонусите.
– Нема промена на сумата. Со Советот на играчите тоа го договоривме уште минатата година, рече Ретиг.
Како и порано, минување на групната фаза на германските играчи ќе им донесе по 50.000, пласман во четвртфиналето по 100.000, а пласман и победа во финалето по 250.000 евра. Освојувањеето на титулата германската федерација би ја чинело 10,4 милиони евра за 26-члениот тим.
Најголемата награда досега во Германија беше 300.000 евра, за светската титула 2014 година во Бразил. Во моментов има тројца играчи во составот од тогашниот тим, голманот Мануел Нојер, играчот од средниот ред Тони Крос и напаѓачот Томас Милер.
Секоја селекција учесник на ЕП 2024 ќе добие по 9,25 милиони евра од УЕФА.