Леон Горецка (29) не беше во тимот на Баерн за натпреварот во Улм, во рамките на Купот на Германија. Искусниот германски играч за врска не е во плановите на тренерот Венсан Компани и наскоро би можел да биде продаден.
Станува збор за играч од средниот ред. кој минатата сезона беше еден од клучните играчи на Баерн и кој одигра 42 натпревари, Според германскиот „Скај спорт“, Компани има визија за средниот ред што го сака, а во неа не е Горецка. Поради ова го исклучи од тимот и сака да го продаде летово.
Се’ уште не е познато која цена ќе му одреди Баерн. Но, проблемот е што Горецка сака да остане во клубот. Неговиот агент изјави дека засега нема индиции дека тој ќе го напушти клубот и се надева дека во блиска иднина ќе добие шанса да му се докаже на новиот тренер.
Веројатно ќе почека неколку месеци и ако види дека навистина нема место за него во тимот, во јануари ќе се одлучи за трансфер. Горецка пристигна во Баерн пред шест години од Шалке. Со Баварците освои се’ што можеше, одигра 221 натпревар и постигна 40 гола, со 46 асистенции. Според Трансфермаркт, тој вреди 30 милиони евра на пазарот, а има договор до 2026-та.