ФС на Србија: Ако УЕФА не ги казни Хрватите и Албанците, нема да играме на ЕП?

Хрватска ремизираше со Албанија, 2:2 во второто коло на Европското првенство (ЕП). Албанците водеа со 1:0, а избраниците на Златко Далиќ во второто полувреме за две минути направија пресврт, за 2:1. Сепак, Хрватска не успеа да го зачува водството и прими гол во 95. минута за поделба на бодовите.

На трибините стадионот во Хамбург, кој собира 57.000 гледачи, навивачите на Хрватска и на Албанија беа израмнети, а претходно се дружеа низ улиците на Хамбург во пријателска атмосфера, пиејќи пиво и пеејќи заедно.

Но, на стадионот направија неколку инциденти. Албанските навивачи за време на натпреварот скандираа „Убиј го Србинот“, а на крајот од натпреварот неколку навивачи влегоа на теренот.

Што се однесува до Хрватите, тие фрлија неколку димни бомби зад голот, што можеше да се види и на тв преносот, а дел од нив им се придружија на Албанците во споменатото скандирање.

Тоа скандирање ги налути Србите, по што се огласи и генералниот секретар на Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС), Јован Шурбатовиќ кој го осуди и порача дека ќе побара казна од УЕФА.

– ФСС ќе бара најстроги мерки од УЕФА, дури и по цена да не го продолжи натпреварувањето. Ова е скандалозно и не сакаме да се повтори. Сакаме навивачите кои извикуваа неприфатливи пароли да бидат драконски казнети.

Ќе упатиме апел до УЕФА за овие настани. Тоа нема врска со спортот и со фудбалот. Не сакаме да го политизираме првенството, изјави Шурбатовиќ за РТС, но не прецизираше каква казна очекува.

УЕФА ја казни Србија со 14.500 евра поради навивачкиот инцидент на натпреварот со Англија.

– Ние сме казнети, но тоа беа индивидуални случаи. Ние сме казнети поради еден поединец за расистичка навреда. Тоа не сме ние. Не сакаме тоа да им се припише на нашите навивачи. Ги пречекуваме сите со отворено срце и тоа е она по што сме познати. Апелирам против Словенија и Данска да бидеме господа, изјави Шурбатовиќ,

Шурбатовиќ истакнува дека тоа што се случи на трибините во Хамбург не се памети во историјата на фудбалот. „Не сакаме да учествуваме на ЕП доколку се случуваат такви работи. Бидејќи постојано сме во комуникација со УЕФА, сигурни сме дека казните ќе бидат ригорозни“.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО