(ФОТО) Потресна исповед на Рафаел Варан: „Молчев 10 години за тоа..“

Французинот, Рафаел Варан дебитираше за Реал Мадрид пред речиси 13 години. Сегашниот дефанзивец на Манчестер јунајтед, на крајот од април ќе го прослави 31-от роденден, што значи дека му претстојат уште неколку години врвен фудбал.

Во кариерата тој забележа 360 настапи за „кралевите“ и 92 за „црвените ѓаволи“, но не памети некои натпревари! За „Л’Екип“ тој ја откри причината велејќи дека во текот на кариерата имал проблеми со потреси на мозокот, кои не се баш безначаен проблем во фудбалската игра.

– Имав неколку потреси на мозокот. Кога ќе се погледнат трите најлоши натпревари во мојата кариера, на најмалку два од нив, им претходеше потрес на мозокот во деновите пред натпреварот. На пример, против Германија во четврт-финалето на Светското првенство (СП) 2014-та и со Реал Мадрид против Манчестер сити во осминафиналето на Лигата на шампиони (ЛШ) 2020-та.

На СП во Бразил доживеав потрес на мозокот против Нигерија во осминафиналето, а натпреварот го завршив на „автопилот“. Да ме прашаше некој нешто тогаш, не сум сигурен дали ќе можев да му одговорам. По тој шок не се сеќавав на натпреварот, изјави Варан.

Тој за францускиот медиум рече дека потресите на мозокот оставиле трага кај него, но дека денеска, на 30 години, поинаку гледа на здравјето поради семејството.

– За 10 години никогаш не сакав да зборувам за тоа бидејќи би звучело како изговор, никогаш не сум сакал така да гледам на тоа. Кога знаете дека повторените потреси можат да имаат фатален ефект, тогаш гледате на работите поинаку. Во тоа време не бев семеен човек, но денеска, со три деца, мислам поинаку, истакнува Варан.

Посебно го опиша кобниот меч против Сити, кога одигра невообичаено лошо.

– Пред мечот, на загревањето, се чувствував лошо за време, но си велев „разбуди се“, сакав да се удрам. Немав енергија, но не знаев дека тоа е поврзано со потресот на мозокот што го имав на претходниот натпревар. Одиграв лош натпревар, подоцна сфатив дека грешките не паднаа од небо, додава тој.

Варан ја истакнува важноста за менталното здравје, како и препораките кои ги добил во Манчестер јунајтед.

– Во Јунајтед имаме препорака на тренинг топката да не се удира со глава повеќе од 10 пати. Мојот седумгодишен син игра фудбал и му кажувам да не ја удира топката со глава. По неколкуте  удари со глава, уморни сте и ден по натпреварот.

Како играчи, многупати не ни сфаќаме, не размислуваме за тестирања.  Препознавањето и третманот на потресот на мозокот е вистински предизвик, тоа е вистински здравствен проблем. Работите малку се менуваат, но можеме да направиме уште повеќе во тој поглед, заклучи тој.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО