Огромен пат на рејтингот ќе доживеаа француската Лига 1, по заминувањето на единственот играч со стаус на супер ѕвезда. Килијан Мбапе го напушти ПСЖ, кариерата ќе ја продолжи во Реал и покрај тоа што нема официјална потврда за трансферот.
Заминувањето на најдобриот француски фудбалер ќе се одрази на целата економија на елитниот француски фудбал. На тоа укажува и фактот што на два и пол месеци пред почетокот на новата сезона, Лига 1 се уште нема потпишан договор за ТВ права за следната натпреварувачка сезона.
Затоа, сега кога го нема Мбапе, никој нема да ги пренесува натпреварите од француската лига, поточно не за сумата што беше актуелна кога напаѓачот беше дела од ПСЖ.
Првично, Лига 1 побара 800 милиони евра за правата за пренос на натпревари од првата и втората француска лига, тоа беше уште во октомври, за периодот од 2024-2029 година.
Телевизиите, уште тогаш беа свесни дека Мбапе заминува од ПСЖ, што го принуди првиот човек на француската лига Винсен Лабрун да влезе во директни преговори со телеоператорите за да спаси ја ситуацијата.
Сега преговорите за новите сопственици на ТВ правата траат со месеци, без епилог кој би би ги задоволил челниците на Лига 1.
Никој не сака да плаќа превисоки суми, кога самото натпреварување не е привлечно и кога однапред се знае кој ќе биде шампион (ПСЖ), освен во ретки случаи.
Поради големиот финансиски колапс со кој се соочува францускиот фудбал, во решавањето на проблемот се вклучи и претседателот на државата Емануел Макрон.
Пред два месеци, на ручекот што го организирал, според некои медиуми, го замолил, Насер Ал Хелаифи (претседателот на ПСЖ) да влијае на телевизијата од Катар, „BeIN Sports“, да ги откупи правата за пренос на натпреварите од францускиот шампионат.
Одговорот бил дека тоа би го направиле само доколку француската телевизија „Canal+“ им го исплати делот од 250 милиони, а тие ќе го исплатат остатокот, што до денес не се случило.
Според последните информации, Лига 1 би се согласила да ги продаде ТВ правата на секој што ќе понуди 400 милиони евра, што е половина од сумата што им беше понудена на ТВ куќите во октомври.
Ситуацијата, пишуваат француските медиуми, е многу критична.
Пресметката е јасна: ако Лига 1 потпише договор за продажба на ТВ права за сума од 400 милиони евра, тоа значи и дека сите клубови ќе бидат во голема финансиска загуба. Затоа што сите го делат финансискиот колач, не подеднакво се разбира.
Грубо кажано, заминувањето на Мбапе од Франција предизвика Лига 1 да претрпи загуби од најмалку 200 милиони евра.