ФИФА сака вредноста на фудбалерите да ги одрeдува според алгоритам

Светската фудбалска федерација (ФИФА) сака да отвори дебата за одредување на вредноста на фудбалските трансфери според алгоритам наместо историскиот начин на кој два клуба преговараат за пазарната цена на играчите.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, на обраќањето на конференцијата во Токио ја повтори идејата што циркулира неколку години за реформите на глобалниот трансфер пазар кој сега вреди повеќе од 10 милијарди долари годишно.

– Сега повеќе од кога било за нас е фундаментално да разговараме за овие и за други теми. На пример, да разговараме за можноста да се користи алгоритам за да се процени објективната вредност на трансферните провизии со цел да се зголеми транспарентноста и да им се помогне на засегнатите страни, рече првиот човек на ФИФА.

Не е јасно како методот на ФИФА за одредување н надоместоците ќе биде прифатен од клубовите на кои им се ограничени опциите и како би бил усогласен со законите во земјите на Европската унија (ЕУ).

Пресудата на судот на ЕУ во Луксембург во случајот со Суперлигата пред шест недели не беше целосна победа за УЕФА и ФИФА како што тие очекуваа.

Интересирањето на ФИФА за таков алгоритам повремено се појавуваше од 2017 година кога се формираше работна група за трансфери.

Таа 2017 година беше договорен рекордниот трансфер од 222 милиони евра колку што ПСЖ и’ плати на Барселона за бразилскиот напаѓач Нејмар.

Неколку недели подоцна, Килијан Мбапе исто така му се приклучи на ПСЖ од тогашниот француски шампион Монако, во зделка вредна околу 180 милиони евра. ПСЖ нема да добие никаков надомест доколку Мбапе си замине летово како слободен играч.

ФИФА троши милиони долари секоја година во финансирањето на мастерс курсот и на фудбалската истражувачка единица на Универзитетот во Нојшател, Швајцарија, која работи на алгоритам за трансферна вредност од 2010 година.

Меѓународниот центар за спортски студии (ЦИЕС) моментално вредноста на Џуд Белингам и на Винисиус Жуниор од Реал Мадрид, како и на напаѓачот на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд, ја проценува на најмалку 250 милиони евра.

Интернет-страницата Трансфермаркт помалку ги вреднува најдобрите играчи во споредба со алгоритмот на ФИФА. Пазарната вредност на Белингем, Халанд и на Мбапе кај Трансфермаркт изнесува 180 милиони евра.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО