ФФМ: Шкупи – Силекс нема да се игра поради немање соодветен терен

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) соопшти јавноста дека натпреварот од 2. коло на 1.МФЛ помеѓу екипите на Шкупи и Силекс, закажан за 17 август во 17:00 часот, нема да се игра.

-Причината за неодигрување на натпреварот е необезбедување соодветен домашен терен од страна на клубот, домаќин, соопшти ФФМ.

Проблемот е во тоа што стадионот „Чаир“ не ги исполнува условите за примена на ВАР технологијата, нешто што клубот требаше да го среди во текот на летото, но не го направи тоа.

Комисијата за натпревари на ФФМ на првиот нареден состанок ќе расправа за случајот и ќе донесе соодветни мерки согласно пропозициите за натпреварување.

-ФФМ во изминатиот период покажа целосно разбирање за ситуацијата во која се наоѓа клубот. Оставивме и повеќе од доволно време за да се пронајде соодветно решение.
Направивме сè од своја страна сите клубови да имаат регулирани услови на почетокот на сезоната. Но, доколку управата на клубот нема капацитет да ја извршува својата работа и обврски, тогаш одговорноста не може да биде префрлена на ФФМ, туку единствено на раководните лица на клубот.

Воедно, ФФМ укажува дека во изминатите денови, управата на ФК Шкупи неточно праќаше информации во Куќа на фудбалот за четири различни стадиони на кои наводно ќе го одигра натпреварот, со што дополнително создаде погрешна слика за состојбата, се вели во соооштението на ФФМ.

Од Федерацијата напоменуваат дека се должни да ги почитуваат пропишаните регулативи и тоа ќе го прават во целост.

– Се надеваме дека ФК Шкупи ќе ја надмине актуелната состојба и наскоро ќе создаде услови за нормално одвивање на натпреварите.

Синоќа Силекс објави дека натпреварот ќе го добие на зелена маса со службени 3:0.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО