Фелер останува спортски директор на Германија до СП 2026 година

Руди Фелер останува спортски директор на германската репрезентација до крајот на Светското првенство (СП) 2026 година, објави фудбалската федерација на Германија (ДФБ).

– Руди Фелер ќе остане директор на машката репрезентација на Германија и по Европското првенство (ЕП) 2024-та. Договорот со победникот на СП 1990 година е продолжен до крајот на следното издание во САД, Канада и Мексико 2026-та, објави ДФБ на својата интернет-страница.

Фелер (63) имаше успешна кариера, како играч и како селектор на Германија, триумфирајќи на СП 1990-та како играч и завршувајќи ја кариерата како вицешампион во 2002 година, во улогата на селектор.

Фелер ја презеде функцијата спортски директор во февруари 2023 година, од Оливер Бирхоф, по лошиот настап на Германија на СП 2022 година.

– Во изминатите 14 месеци во оваа улога, открив дека оваа позиција полна со одговорност во ДФБ секој ден ми е се’ поблиску до срцето. Она што можеби започна од  некакво чувство на обврска кон Германија, ДФБ и репрезентацијата, со текот на времето се претвори во лична, прекрасна работа, истакна Фелер.

Според генералниот директор за спорт на ДФБ, Андреас Ретиг, федерацијата се надева дека продолжувањето на договорот со Фелер „ќе остави позитивен впечаток за селекторот на националниот тим, Јулијан Нагелсман, со кого сакаме да работиме врз долгорочна основа“.

Поранешниот тренер на Баерн Минхен, Нагелсман (36), ја презеде репрезентацијата во септември 2023 година, по краткиот период во кој Фелер беше привремен селектор по заминувањето на Ханси Флик.

Нагелсман беше прв кандидат на Фелер за функцијата селектор на Германија. Тој по тешкиот почеток забележа импресивни пријателски победи против Франција и Холандија во март.

Договорот на Нагелсман е до крајот на ЕП 2024 година, чиј домаќин ќе биде Германија, од 14 јуни до 14 јули.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО