Ф1 трката во 2026 година ќе се пресели од Барселона во Мадрид

Мадрид ќе ја замени Барселона како домаќин на Големата награда (ГН) на Шпанија во Формула 1 (Ф1) од 2026 година.

Трката ќе се вози на нова патека долга 5,47 километри околу изложбениот центар Ифема, помеѓу главниот град на Шпанија и аеродромот Барахас.

Формула 1, која има за цел да ги намали емисиите на стакленички гасови на нула до 2030 година, вели дека тоа ќе биде „една од најпристапните трки во календарот“.

Во соопштението се вели дека 90 отсто од навивачите ќе можат да патуваат на трката со јавен превоз, со метро и со железнички транспорт.

Договорот кој ќе трае до 2035 година, значи дека Мадрид ќе биде домаќин на ГН на Шпанија за прв пат од 1981 година, кога на патеката Јарама, 30-на км северно од главниот град, за последен пат се одржа тој настан.

Трката за ГН на Шпанија се возеше на патеката во Барселона од 1991 година, а претходно во Херез, Андалузија, од 1986 до1990 година. Шпанската ГН за прв пат се одржа во 1913 година, што ја прави една од најстарите трки.

Ф1 преговара со Барселона за иднината и останува можноста и таа да биде домаќин на трка, покрај Мадрид.

Новата мадридска патека, која ќе има 20 свиоци ќе биде домаќин на 110.000 навивачи со планови за проширување на капацитетот до 140.000 места.

Последниве години Ф1 доживеа вистинска ренесанса во Шпанија. Ова може да се припише на враќањето на двократниот светски шампион Фернандо Алонсо по двегодишната пауза, како и на Карлос Сајнс, кој вози за Ферари.

– Мадрид е неверојатен град со големо спортско и културно наследство и со оваа објава започнува возбудливо ново поглавје за Ф1 во Шпанија, изјави претседателот и извршен директор на Ф1, Стефано Доменикали.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО