Евертон и Нотингем форест можат да останат без бодови поради финансиски пропусти

Премиерлигашите Евертон и Нотингем форест се соочуваат со одземање бодови поради наводно прекршување на правилата за профит и одржливост во нивните сметки за 2022-2023 година.

За Евертон тоа би била втора ваква казна откако пред два месеца им беа одземени 10 поени. „Сините“ од Ливерпул беа казнети поради загубите до 2021/22 година кои изнесуваа 124,5 милиони фунти.

Според прописите на Премиер лигата, клубовите можат да загубат најмногу 105 милиони фунти во период од три сезони, или 35 милиони фунти по сезона. Клубовите што ги прекршуваат тие правила можат да бидат казнети парично или со одземање бодови.

Во соопштението на Премиер лигата се наведува дека Евертон и Нотингем форест биле информирани „дека ги прекршуваат правилата за профитабилност и одржливост на лигата и оти имале загуби над дозволеното во сезоната 2022/23“.

Клубовите имаат 14 дена да достават официјални одговори, а според правилата на лигата, сослушувањата мора да бидат завршени во рок од 12 недели. Жалбените рочишта мора да се одржат пред 24 мај 2024 година, а жалбата да се реши пред 1 јуни.

Манчестер сити е третиот клуб кој беше обвинет од Премиер лигата за повеќе од 100 наводни финансиски прекршувања на правилата помеѓу 2009 и 2018 година.

Во меѓувреме, Челси би можел да се соочи со дополнителна контрола од фудбалските власти поради извештаите за исплати поврзани со поранешниот сопственик на клубот Роман Абрамович.

Челси беше казнет со 8,6 милиони фунти од Европската фудбалска унија (УЕФА) лани во јули поради „доставување нецелосни финансиски информации“ за периодот помеѓу 2012 и 2019 година.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО