Најдобриот кошаркар во НБА минатата сезона, Камерунецот Џоел Ембид (30) е блиску до враќање на терените. Кошаркарот на Филаделфија сиксерс на крајот од јануари посериозно го повреди менискусот и се оперираше, па се стравуваше дека нема да заигра повторно сезонава.
Но според ЕСПН, тој би можел да влезе во игра уште вечерва на натпреварот против Оклахома сити. Актуелниот МВП полека влегува во форма по операцијата на менискусот на левото колено и ќе биде повторно голем адут на „76-ките“ во завршницата од шампионатот.
Филаделфија, на седум натпревари до крајот на регуларниот дел, има скор 40:35, и моментално е осма во Источната конференција. Пред повредата на Ембид, Сиксерс имаа скор 29:17 и беа петти, а по повредата 11:18.