Еднодневниот бесплатен семинар, ќе се одржи за време на кампот во Охрид и истиот ќе опфаќа предавање на специјалниот гостин и тренер на кампот, г. Владан Јордовиќ, заеднички ручек и дружење на сите тренери на семинарот и попладневен практичен дел.
Продолжувајќи ја праксата за подигање на квалитетот на тренажниот процес, проширување и надградба на знаењето на учесниците, но и на тренерскиот кадар кој работи со младите ракометари во Република Македонија, организаторот на ракометниот камп „40х20“, агенцијата КМГ Груп Спорт, со огромна чест и задоволство го најавува учеството на директорот на млади категории во унгарскиот ракометен гигант Пик Сегед и тренер во националната ракометна Академија, Владан Јордовиќ во улога на тренер на третото издание на Ракометниот камп „40х20“ и предавач на еднодневниот бесплатен семинар, кој ќе се одржи за време на одржување на кампот, а е наменет за македонските тренери кои работат со млади категории на македонски ракометари.
– „На покана на мојот спортски пријател, Горан Ѓоргоноски, чија што работа ја следам и знам за каков професионалец се работи, ова лето ќе бидам дел тимот тренери на кампот “40х20” во Охрид. Го следам развојот на истиот дигитално и знам за каков проект се работи. Ќе дадам се од себе оваа година кампот да биде уште поквалитетен, за што е планирано да работиме индивидуално со учесниците, да имаме групни тренинзи, но и да одржиме предавања за тренерите на кампот и за сите останати тренери кои се заинтересирани да слушнат и да дебатираат во однос на развој на ракометот кај младите категории. Се гледаме во прекрасниот Охрид“ – го најави своето учество на ракометниот камп „40х20“, директорот на млади категории и академијата на Пик Сегед, Владан Јордовиќ
Еднодневниот бесплатен семинар, ќе се одржи за време на кампот во Охрид и истиот ќе опфаќа предавање на специјалниот гостин и тренер на кампот, г. Владан Јордовиќ, заеднички ручек и дружење на сите тренери на семинарот и попладневен практичен дел. Семинарот е предвидено да се одржи на ден 03.07.2024 година (среда) и е предвиден да биде реализиран во два дела:
· Првиот дел од семинарот е теоретски и ќе се реализира во конгресната сала на Хотел „Аквалина“ од 12 часот. Тема на предавањето: Трендови и систем на работа во млади возрасни категории во склад со моменталните тенденции на развој на сениорскиот ракомет.
· Вториот дел е практичен, индивидуален тренинг со одредена група на играчи по позиции, во насока на „исправување на недостатоци кај млад играч од технички аспект“ и истиот ќе се реализира во попладневните часови, на терените во комплексот на Хотел „Аквалина“ во Охрид.
Ракометниот камп „40х20“ со изменет концепт на работа, со назнака на индивидуален пристап кон секој учесник, како дел од проектот Ракомет За Секое Дете, за првпат се одржа во Јуни 2021 година, а годинава од 30 Јуни до 05 Јули ќе го има третото издание на истиот, со 88 учесници од Македонија, Шпанија, Шведска, Србија и Турција. На кампот ќе работат 15 тренерски имиња од Македонија и странство, а како гости да се појават неколкумина македонски ракометни репрезентативци, кои треба своето искуство и знаење да го пренесат на младите ракометари/ки на кампот.