Македонскиот репрезентативец, Ненад Димитријевиќ, во интервју за „Моцартспорт“, зборуваше за спектакуларната сезона во дресот на Уникс и бурното лето кога медиумите го поврзуваа со трансфер во Партизан.
– Директно немав контакт со нокиј од Партизан. Слушнав дека не се премногу заинтересирани за мене. Имаше некои други понуди, но не конкретни. Од Уникс, буквално, првиот ден по завршувањето на сезоната ми кажаа дека сакаат да се вратам назад. Беа многу коректни, ништо не криеја. Сакаа да се вратам. Покажаа огромна желба. Како човек и играч морам да ја ценам финансиската понуда и спортската улога што ми ја даде клубот. Едноставно , играчот сака да чувствува дека е ценет, а јас во Уникс чувствувам дека сум ценет.
Димитријевиќ има опција да го продолжи договорот и за следната сезона.
– Ќе видиме што ќе се случи на лето. Велам, сега сум фокусиран на одбрана на титулата во ВТБ лигата. Луѓето мислат дека тоа е послаба лига, но јас лично мислам дека е уште посилна од лани. Присутен е одличен квалитет. Некои тимови кои можеби се помалку познати неверојатно се засилија, а тимовите како ЦСКА, Локомотива и Зенит се на ниво на Евролигата. Секој натпревар е интересен, полн со квалитет и дефинитивно има што да се види.