Диало го расплака Еквадор, Шведска го декласира Тунис

Фудбалерите на Брегот на Слоновата Коска го победија Еквадор со 1:0 (0:0) во натпреварот од првото коло од Групата Е на Светското првенство, додека во Групата Ф, Шведска го декласира Тунис со 5:1.

Натпреварот во Филаделфија, пред речиси 60.000 навивачи на Еквадор, беше решен во 90-та минута.

Целиот натпревар беше полн со интензитет, ритам и динамика, а тоа донесе многу шанси на двете страни, вклучувајќи и удари кон голот. Еквадор три пати ја погоди рамката, „Слоновите“ еднаш.

Кога сите се помирија со фактот дека мечот ќе заврши без постигнат гол, „Слоновите“ изведоа молскавична контра.

Стартниот стопер, Синго, кој подоцна се префрли на позицијата десен бек, се проби на десната страна, истрча со топката речиси 70 метри, а потоа непречено му сервираше на Дијало, кој ја потврди својата класа со еден потег и донесе голема радост на својата нација.

Во второто коло, Брегот на Слоновата Коска ќе игра против Германија во сабота во 22:00 часот во Торонто, додека истата вечер во 02:00 часот Еквадор ќе се сретне со Курасао во Канзас.

Во Ф групата, Шведска со два гола на Ајари и Ѓокереш, односно гол на Свамберг го растури Тунис со 5:1. Според прикажаното Тунижаните не заслужија толку убедлив пораз. Иронијата е дека првиот и последниот гол за Шведска ги постигна Ајари, кој требаше да игра за Тунис, бидејќи неговите родители се од оваа земја. Сепак тој реши да го носи дресот на Шведска, поади што не ги прослави головите.

Во следното коло, Шведска ќе игра против Холандија во сабота во 19:00 часот, а Тунис ќе се натпреварува против Јапонија следниот ден наутро во 6:00 часот.

Foto:EPA

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО