Легендата на американската и светска атлетика, Мајкл Џонсон лансираше нова профитабилна атлетска лига. „Грен слем патека“ која ќе има за цел да ги собере најдобрите светски атлетичар(к)и, нудејќи им по 100.000 долари како главна награда.
Новото натпреварување кое ќе почне во април 2025 година, ќе има награден фонд од 12,6 милиони долари, распоредени на четири настани.
„Грен слем патека“ (Grand Slam Track) ќе содржи четири настани секоја година, од кои два ќе бидат во САД. Атлетичарите, вкупно 48, кои ќе имаат договори со лигата ќе се натпреваруваат во по две дисциплини.
– Ние правиме револуција во оваа област, рече четирикратниот олимписки шампион Џонсон, кој сега е атлетски експерт на „Би-би-си“.
Американката Сидни Меклафлин-Леврон, олимписката и светска шампионка на 400 метри со пречки, би требало да биде првата спортистка што ќе и се приклучи на лигата.
Финансиите во атлетиката станаа „жешка“ тема на разговор последниве месеци, а Светската атлетика (СА) во април објави дека парично ќе ги награди спортистите што ќе настапат на Олимписките игри (ОИ).
На почетокот од месецов СА објави ново глобално првенство кое ќе почне во 2026 година и ќе има награден фонд од 10 милиони долари. На него ќе учестуваат најдобрите од ЛОИ, СП и од Дијамантската лига, кои ќе добиваат по 150.000 долари. Во моментов Дијамантската лига им дава по 30.000 долари на победниците.