Џирона се закани, Гризман не дозволи изненадување на „Метрополитано“

Атлетико Мадрид, во вториот натпревар од 31.коло во Примера ја победи Џирона со 3:1. На седум рунди до крајот на сезоната, Атлетико сега има четири поени помалку од Џирона која се наоѓа на третото место.

Атлетико на „Сивитас Метрополитано“, против хит екипата оваа сезона во Примера, славеше со пресврт. Џирона ги шокираше навивачите на Атлетико по само четири минути игра. Јан Коуто му асистираше на Довбик, а Украинецот го совлада Облак. За Довбик оба беше 16. гол сезонава во Примера.

Атлетико изедначи во 34.минута кога Гризман реализираше пенал. Целосен пресврт, „јорганџиите“ направија во самиот финиш на првиот дел. Во шестата минута од судиското надополнување на времето, Кореа со гол ја круниса асистенцијата на Мората.

Сите дилеми околу победникот Атлетико ги реши во 50.минута кога Гризман го постигна својот втор гол. Францускиот репрезентативец го постигна 11. гол во првенството, има и пест асистенции.

Во следното коло „јорганџиите“ му гостуваат на Алавес, но претходно ги очекува реванш четвртфиналето на Лигата на шампионите, додека Џирона ќе го пречека Кадиз.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО