Газдите на Рома соопштија дека Даниеле де Роси ќе биде тренер на Рома во следната сезона, и во „догледна иднина“.
Де Роси во јануари беше назначен на тренерската позиција, привремено, до крајот на сезоната, на местото на Жозе Мурињо, кога Рома беше деветта на табелата.
Под водство на поранешниот италијански репрезентативец, Рома се искачи на петтото место на табелата по серијата од седум натпревари без пораз во лигата. Рома, исто така, стигна и до четвртфиналето на Лига Европа (ЛЕ), во кое има предност од 1:0 против Милан, пред вечерашниот реванш меч.
– По состанокот со Даниеле Де Роси, со задоволство можеме да објавиме дека тој ќе продолжи како тренер на Рома и по оваа сезона, и во догледна иднина. Во неговиот краток мандат како главен тренер тој позитивно влијаеше врз целиот клуб што многу кажува.
Даниеле е вистински лидер, а неговата сила и длабоко вкоренето верување во клубот се навистина усогласени со вредностите на Рома, на градот и на неспоредливите навивачи, нагласија сопствениците на клубот, Дан и Рајан Фридкин во заедничката изјавата.
Клубот не соопшти никакви детали околу договорот со Де Роси. По мечот со Милан вечерва, Рома ќе ја пречека Болоња во Серија А, во понеделник.