Ракометарите на Вардар 1961 го одбранија трофејот во Купот на Македонија, откако во драматично финале одиграно во Струмица со минимални 23-24 го совладаа жилавиот состав на Охрид.
За тренерот на РК Вардар Иван Чупиќ ова беше прв трофеј како тренер.
„Финалињата се секогаш тешки, со многу стресови и емоции. Уште претходно ги подготвувавме играчите на психолошки план, знаевме дека ќе има „црни“ моменти, но не смееме никако да паднеме по нив. Отворивме добро, а потоа на стартот од вториот дел влеговме во мала криза и тогаш повикав тајм-аут. Сакам да им се заблагодарам на моите момци што тогаш успеавме да се смиривме, одевме чекор по чекор и ја вративме позитивата.
Честитки за Охрид за фер и коректниот натпревар. Знаевме дека ќе игра машки во одбраната, со многу контакти и на гол-помалку. Ова е прв трофеј за мене како тренер, но не сум толку среќен на тоа колку на начинот на кој моите момци одиграа денес, како и цела сезона досега. Искрено, горд сум многу на нив.
Што се однесува до првенството, сите знаеме дека сме на чекор до титулата. Респект за сите противници во плеј-офот, но Вардар 1961 „ќе гази“ до крај“, рече хрватскиот стратег.