Болоња ја декласира Салернитана, 3:0 во 30. коло од Серија А и се искачи на четвртото место кое значи играње во Лигата на шампиони (ЛШ) следната сезона.
Избраниците на Тиаго Мота повторно одиграа одличен натпревар и славеа со головите на Орсолини во 14, Саелемекерс во 44 и на Ликоџанис во 92 минута. Болоња сега има 57 бода, пет повеќе од Рома, и два помалку од третопласираниот Јувентус.
Последен пат Болоња играше во Европа во 2002 година, кога загуби од Фулам во сега непостоечкиот Интертото куп. Три години претходно играше во 3. коло од Купот на УЕФА и беше елиминирана од Галатасарај.
Во Купот на шампионите (КЕШ) Болоња играше само еднаш, во 1965 година, кога Андерлехт ја исфрли во прелиминарната рунда.