Бараж за ПМФЛ: Вардар или Детонит, кој ќе игра во елитата следната сезона?

Денеска на стадионот “Благој Истатов“ во Струмица, ќе се разреши која екипа во следната сезона ќе игра во ПМФЛ. Дали тоа ќе биде Вардар или Детонит. Бараж дуелот почнува во 17 часот а некаде околу 19 часот ќе дознаеме дали тоа ќе биде рутина за Вардар или сензација на Детонит, клубот од Радовиш кој сезоната ја заврши на третата позиција во ВМФЛ и со тоа се здоби со право да го предизвика големиот фаворит, нашиот најтрофеен клуб во битката за пласман во елитата.

Ова за Вардар ќе биде вторпат во низа како игра бараж за ПМФЛ. Лани во Кавадарци успеа да слави над Скопје, а денеска за ривал ќе го има Детонит. Нема никакво сомневање што се очекува од момците на стратегот Горазд Михаилов. Тоа е победа и остварување на амбициите, а тие беа изборување на опстанокот, Вардар да остане прволигаш. Познато е што се случуваше оваа сезона со “црвено – црните“. Во еден момент и 10.место кое водеше во баражот беше недостижно, но ете, Вардар успеа да се спаси од директно испаѓање, а денеска треба да си ја заврши работата во целост.

Вардарци вчера го одработија тренингот на теренот на стадионот во Струмица, дојде и поддршката од “Комитите“ кои попладне ќе дојдат во голем број и ќе навиваат за својот Вардар.

Детонит Плачковица е одличен тим. Да се потсетиме дека пред стартот на пролетниот дел во ВМФЛ се најавуваше дека има шанси и амбиции за директен пласман во елитата, но неколкуте киксови на тимот од Радовиш му овозвожија на Пелистер да биде тој што ќе се радува на второто место и пласман во ПМФЛ, Беса беше неприкосновена, а Детонит мораше да се задоволи со третата позиција и пласман во баражот.

Колку ќе може денеска Детонит да одигра, останува да се види. На вакви мечеви навистина ништо однапред не се знае.

Ајде да почекаме до доцна попладнево кога и тоа ќе го дознаеме. Кој ќе игра во ПМФЛ следната сезона, Вардар или Детонит?

Натпреварот ќе го суди Јован Качевски од Струмица.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО