Арсенал вечерва на „Емирати“ ќе се обиде да испише нова страница во својата историја – англискиот гигант има шанса да ја оствари својата стота победа во Лигата на шампионите. Сепак, наспроти нив стои искусниот Атлетико Мадрид, кој доаѓа во Лондон со јасна намера да ја расипе прославата на домаќините.
Арсенал сезонава е во одлична форма во Европа – тимот на Микел Артета освои максимални шест бода по првите две кола и сè уште нема примен гол. „Топџиите“ имаат импресивна серија против шпански клубови, со шест последователни победи, а на домашен терен не примиле погодок во последните 11 натпревари во групната фаза.
– Сакаме да создадеме ново поглавје во нашата историја, но мора да останеме фокусирани. Атлетико е еден од најорганизираните тимови во Европа и нема простор за опуштање, изјави Артета на прес-конференцијата.
Од другата страна, Атлетико доаѓа со мотив да се докаже по убедливата победа од 5:1 над Ајнтрахт Франкфурт. Сепак, формата на гости не им е идеална – на последните три гостувања немаат триумф.
– Не одиме во Лондон како статисти. Знаеме што можеме и ќе направиме сè за да им го отежниме животот. Арсенал е силен, но ние сме Атлетико – се бориме до крај, порача тренерот Диего Симеоне.
Големото дерби меѓу Арсенал и Атлетико се игра вечерва од 21:00 часот и ветува вистинска европска фудбалска класика.