Англија беше на прагот на своето прво финале на Светското првенство од 1966 година.
До 85-та минута водеше против актуелниот светски шампион Аргентина со 1:0, а потоа следеше целосен колапс, кој долго време ќе го прогонува „Горди Албион“.
Енцо Фернандез израмни со спектакуларен гол во 85-та, а Лаутаро Мартинез во втората минута од судиското надополнување на времето, по уште една асистенција од Лионел Меси, ѝ донесе на Аргентина голем пресврт и пласман во финалето против Шпанија.
Иако Ентони Гордон ѝ донесе водство на Англија во 55-та минута, одлуката на селекторот Томас Тухел да се повлече и да го брани резултатот се покажа како фатална.
Наместо да продолжи со агресивната игра, со која Англија имаше контрола врз играта во поголемиот дел од натпреварот, Тухел ѝ нареди на екипата да се повлече.
Статистиката најдобро покажува колку Англија му ја препушти иницијативата на ривалот – од моментот кога поведе до примениот втор гол, имаа само 12 отсто посед на топката.
Уште поизненадувачки е изборот на играчите што Тухел ги испрати на теренот.
По водството, дефанзивците Езри Конса, Ден Бирн и Нико О’Рајли влегоа во игра, додека напаѓачите Маркус Рашфорд и Ајван Тони добија шанса дури длабоко во судиското продолжение, кога веќе беше предоцна.
Легендарниот Вејн Руни немаше дилема кој ја носи најголемата одговорност.
„Се распаднавме. Сè започна од менаџерот и неговите одлуки. Тој беше премногу пасивен. Против светскиот шампион, тоа не смее да се случи. Ова беше најголемиот тест и ние не успеавме.“
И Алан Ширер „удри“ по селекторот.
„Против Норвешка или Мексико можеби ќе можете да се браните, но Аргентина има квалитет да ве казни. Тухел ги одигра сите свои карти премногу рано и тоа му се врати како бумеранг.“
Најжесток во критиките беше Крис Сатон, кој ја нарече тактиката на Тухел вистинска катастрофа.
„Англија поведе, а потоа практично ѝ ја предаде иницијативата на Аргентина. Тоа беше тренерска катастрофа. Не можете да очекувате само да се браните против ваков тим 30 минути.“
Сатон верува дека одговорноста е исклучиво на тренерот.
„Тој направи промени, избра дефанзивен пристап. После ова, се поставува прашањето дали треба дса ја добие довербата да ја води оваа репрезентација понатаму.“
Џо Харт, поранешниот голман на Англија, за Би-Би-Си го обвини Томас Тухел за поразот.
„Гарет Саутгејт често беше мета на критики за начинот на кој Англија играше големи натпревари – кога поведуваа, се повлекуваа и се бранеа. Не гледам дека нешто се менува сега во клучните моменти. Колку и да го фалевме Томас Тухел, фактот дека го промени својот пристап толку рано зборува дека не му верува на својот тим. Како да не мислеше дека Англија може да ѝ зададе упте еден удар на Аргентина.“
Мика Ричардс, поранешен репрезентативец на Англија, се придружи на критиките кон Тухел.
„Томас Тухел беше доведен за да направи разлика. Направи тактичка грешка, кога се префрливме на петмина во одбраната ја изгубивме иницијативата. Мислам дека можевме да ја задржиме иницијативата и да влезат на теренот крилните играчи за да продолжиме да напаѓаме. На крајот, едноставно немавме одговор на играта на Аргентина.“