Алвеш повеќе не е легенда на Барса

Шпанскиот фудбалски гигант Барселона, му го одзеде статусот клупска легенда на Дани Алвеш, откако Бразилецот беше осуден на 4,5 години затвор за силување. Тој на жртвата ќе треба да и плати 150.000 евра како морална отштета.

Според информацијата што ја објави шпанскиот „Спорт.ес“, клубот покажал претпазливост при донесувањето на оваа одлука, одржувајќи ја презумпцијата на невиност на Бразилецот и го исклучил играчот дури по правосилноста на пресудата.

Во 125-годишната историја на клубот, 102 фудбалери кои го носеа дресот на Барса го стекнаа статусот на легенди. Меѓу нив до неодамна беше и 40-годишниот Бразилец.

Во јануари Алвеш беше обвинет дека на 30 декември 2022 година силувал 23-годишна жена во ВИП делот на ноќен клуб во Барселона. Тој беше во притвор од 20 јануари 2023-та, а судската постапка траеше до 7 февруари годинава.

Бразилскиот дефанзивец одигра 408 натпревари за Барселона. Како дел од екипата, Алвеш шестпати стана шампион на Шпанија, трипати ја освои Лигата на шампиони (ЛШ), четирипати го освои „кралскиот куп“ и трипати Суперкупот на Шпанија.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО