Реал Мадрид освои само еден бод во својот прв натпревар под водство на новиот тренер Шаби Алонсо, кој со тоа стана само четвртиот тренер на тимот од Мадрид кој ремизирал во својот прв натпревар на клупата за овој клуб.
Пред него, тоа го направија Фабио Капело во 1996 година, Жозе Мурињо во 2010 година и Рафа Бенитес во 2015. Резултатот беше ист како и под водство на Италијанецот на крајот од минатиот век, додека преостанатите два дуела завршија без голови.
Баскискиот стручњак е свесен и дека ова издание на неговиот тим не беше на врвно ниво, но не ја обвинува екстремната жештина во САД, туку само недостатокот на време за адаптација.
„Да, беше жешко, но не можам да го сфатам тоа како никакво алиби. Мислам дека погрешно влеговме во натпреварот. Губевме многу топки и им кажав на играчите на полувремето дека не е добро. Во остатокот од натпреварот почнавме многу подобро и мислам дека нашата игра беше многу поизбалансирана. Точно, ни недостасуваше гол за победа, но мислам дека тие 45 минути беа сосем коректни“, рече Алонсо и продолжи:„Реал е клуб кој секогаш мора да победува и затоа морам да кажам дека резултатот е разочарувачки, иако Ал Хилал е многу добар тим. Сепак, кога ќе се повлече линијата, никој од нас не може да биде задоволен и го напуштивме теренот со горчлив вкус во устата“.
Баскиецот исто така нагласи дека ова е првиот официјален натпревар во кој го предводи Реал и дека тој, како и секој друг што следи, може да послужи како водич за тоа на што треба да се работи.
„Има многу работи што треба да се подобрат. Потребно е сите заедно да напредуваме. Она што ме прави среќен е реакцијата што ја покажа тимот во второто полувреме, и тоа е добро. Секако, ние сме само на почетокот на заедничката работа, потребно е многу за сè и затоа имаме многу работа пред нас“, рече Алонсо.
Реал Мадрид следниот натпревар на Светското клупско првенство ќе го игра в недела од 21:00 часот против мексиканската Пачука, а се очекува дека тимот на Алонсо ќе биде нешто поконкретен на тој натпревар отколку против Ал Хилал.