Ф1: Адријан Њуи по 19 години во Ред Бул се сели во друг тим, во Ферари?

Британецот Адријан Њуи, 65-годишната дизајнерска Формула 1 (Ф1) легенда, рече дека „сериозно размислува да го смени тимот, да оди на друго место и да поработи уште четири или пет години“. Минатиот месец Њуи објави дека по 19 години, ќе ја напушти функцијата главен технички директор на Ред Бул.

– Во моментов се чувствувам малку уморно, но во одреден момент веројатно ќе продолжам натаму, изјави Њуи.

Њуи, кој се смета за најголем Ф1 дизајнер во историјата, не открива каде би можел да оди, но познато е дека имал разговори со Ферари. Од Ферари, кои се сметаат за главни фаворити за привлекување на Њуи, одбија било што да коментираат.

Главниот извршен директор на Мекларен, Зак Браун, рече „никогаш не вели никогаш“ за договор со Њуи. Директорот на тимот на Вилијамс, Џејмс Воулс, пак рече дека се сретнал со Њуи и оти имале „лесен разговор“. Се верува дека и Астон Мартин сака да го ангажира, иако тимот официјално тоа го негира.

Њуи преговара за предвремено раскинување на договорот со Ред Бул што би му овозможило да почне да работи за друг тим на почетокот од 2025 година. Него му е потребно време за да има поголемо влијание врз дизајнот на болидот на новиот тим поради новите технички прописи во Ф1 што се воведуваат во 2026 година.

Одлуката на Њуи да го напушти Ред Бул беше делумно под влијание на контроверзноста околу директорот на тимот, Кристијан Хорнер, кој беше обвинет за сексуално вознемирување и принуда, контролирачко однесување од една вработена жена.

Њуи исто така беше фрустриран од обидите на некои челници на Ред Бул да го намалат неговиот удел во нивниот сегашен успех.

– Одлуката за заминување од Ред Бул беше многу тешка, но требаше да ја донесам поради цела низа причини. Тие беа моето семејство, вели Њуи.

Њуи рече и дека одлуката да продолжи да работи по старосната граница за пензионирање била под влијание на два фактора. Еден од нив е дека неговиот татко се пензионирал на 65 години и „некако, помалку го изгубил патот, како и фокусираноста“.

Другиот фактор е во врска со ветераните во мотоспортот, Берни Еклстон и Роџер Пенске, кои сè уште работат во 90-те и 80-те годину од животот.

– Двајцата велат дека мозокот е како мускул, му треба вежбање, па затоа треба да продолжите да го правите тоа, истакнува Њуи.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО