Џани Инфантино најави кандидатура за нов мандат во ФИФА

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, доби силна поддршка од членовите на Советот на организацијата и испрати јасен сигнал дека ќе се кандидира за уште еден четиригодишен мандат.

По седницата одржана во Рабат, ФИФА соопшти дека „раководството едногласно стои зад актуелниот претседател“.

Во соопштението се наведува дека членовите на Советот ја потврдиле довербата во Инфантино како лидер избран од сите 211 национални федерации, додека тој возвратил со поддршка за генералниот секретар Матијас Графстром и административниот тим, нагласувајќи ја нивната улога во реализацијата на стратешките цели на организацијата.

Од ФИФА порачаа дека организацијата нема да дозволи нарушување на својот углед и интегритет и дека, доколку биде потребно, ќе преземе соодветни мерки за нивна заштита.

Истовремено беше оценето дека од целиот процес се извлечени важни поуки, а во иднина ќе се работи на дополнително подобрување на процедурите и управувањето.

По состанокот во Рабат, Инфантино продолжи со јавните активности и беше присутен на натпреварот од Африканскиот куп на нации за жени меѓу Малави и Замбија, кој заврши со победа на Замбија од 2-1.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО