Легендарната романска гимнастичарка Надја Команечи се врати во Монтреал за да одбележи половина век од моментот со кој засекогаш го промени светот на гимнастиката.
Денес 64-годишната спортска икона се потсети на Олимписките игри во 1976 година, кога како 14-годишно девојче стана првата гимнастичарка во олимписката историја што добила совршена оценка 10.
Педесет години по историскиот настап, Команечи повторно го посети градот во кој го постигна успехот што ја претвори во една од најпрепознатливите спортистки на сите времиња.
За одбележувањето на јубилејот таа се појави во впечатлив портокалов костум, во боја што одговараше на олимпискиот факел, а носеше и златен ѓердан во форма на олимписките кругови.
Денот кога беше испишана спортската историја
На 18 јули 1976 година, тогаш 14-годишната Команечи настапи на двовисински разбој и изведе вежба за која судиите ѝ ја доделија дотогаш незамисливата оценка – совршена десетка.
Сепак, моментот првично предизвика збунетост. Наместо „10.00“, на семафорот се појави „1.00“.
Команечи се присети дека во првиот момент помислила оти станува збор за некаков дефект, бидејќи оценката еден воопшто немала смисла и секако не претставувала добар резултат.
Подоцна било објаснето што всушност се случило. Организаторите на Олимписките игри нарачале семафори од швајцарска компанија кои можеле да прикажуваат оценки само до 9,99. Причината била едноставна – во тоа време никој не очекувал дека гимнастичар или гимнастичарка може да добие совршена десетка.