Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) Џани Инфантино се огласи преку социјалните мрежи, но наместо одговор на контроверзите што се појавија на Светското првенство во последните денови, изнесе комплименти за организацијата на турнирот и судиите.
“СП донесе неверојатен успех, а голем дел од заслугата за тоа му припаѓа на нашиот одличен судиски тим.
На првенството судат најдобрите судии во светот, избрани преку ригорозен процес што ги зеде предвид нивните способности, доследност и квалитет во текот на долг временски период.
Би сакал уште еднаш да нагласам дека мора да ги почитуваме судиите и правилата што ја регулираат нашата игра.
Тоа е многу едноставно и никогаш не може доволно да се нагласи – без судии нема фудбал‘, напиша Инфантино.
Изминатите денови се појавија голем број контроверзи на Светското првенство, а најголемо внимание привлече одлуката на ФИФА да го поништи црвениот картон на американскиот фудбалер Фоларин Балогун.
Балогун настапи на осминафиналниот натпревар против Белгија, во кој САД беа убедливо поразени со 4-1, и покрај тоа што му беше покажан црвен картон на дуелот од шеснаесетфиналето против Босна и Херцеговина.