Машката македонска кошаркарска репрезентација со пораз го започна подготвителниот период, избраниците на селекторот Жозеп Мариа Берокал загубија од Бугарија во Самоков со резултат 97:68.
Македонската селекција настапи во некомплетен и подмладен состав со оглед на тоа што стручниот штаб не можеше да смета на неколку стандардни репрезентативци. (во последен момент, без капитенот Војдан Стојановски, но и Андреј Јакимовски, и натурализираниот играч кој е во плановите на стручниот тим). Тоа го искористи домашниот тим кој од самиот почеток на натпреварот наметна свое темпо и контрола на играта.
Бугарија подобро го отвори дуелот во „Сам Елион“ Арената и по првите десет минути стигна до предност од осум поени (28:20). Во продолжението, домашната селекција ја зголемуваше разликата, а проблемите на Македонија во нападот резултираа со поголем минус на полувремето – 50:27.
По паузата, сликата на теренот не се промени значително. Македонија се обиде да најде ритам во играта, но тешко доаѓаше до реализација. Во третиот период, нашата селекција постигна 16 поени, додека Бугарија одговори со 25 и пред последната четвртина имаше водство од 75:43.
Во завршниот период домаќинот рутински ја задржа предноста и стигна до конечна победа од (97:68) во првата контролна проверка за двете селекции