Ситуацијата во редовите на Милвоки, очигледно, била далеку од нормална оваа сезона, а шокантни детали за атмосферата во тимот откри центарот Мајлс Тарнер.
При гостување во еден американски поткаст, Тарнер зборуваше за недисциплината во соблекувалната и откри дека играчите редовно доцнеле на состаноците, видеоанализите, па дури и на летовите на тимот.
– Тоа беше едно од најлудите нешта што сум ги видел. Ако требаше да полета авионот во 14:00 часот, често тргнувавме дури во 16:30. Играчите доцнеа со часови, и никој не беше казнет – изјави Тарнер.
Тој додаде дека тренерот Док Риверс немал контрола врз тимот, а најмногу внимание привлече кога откри кој најчесто доцнел.
– Јанис Адетокумбо. Доаѓаше кога сакаше. Тоа е така кога си суперѕвезда. Му реков дека има моќ и дека никој нема да го казни – призна Тарнер.
Според неговите зборови, хаосот во тимот стигнал до ниво каде што и другите играчи почнале намерно да доцнат, бидејќи знаеле дека нема последици.
Изјавите дополнително ги подгреаја шпекулациите дека Јанис Адетокумбо сака да го напушти Милвоки поради несогласувањето и лошата атмосфера во тимот.
Американските медиуми веќе со месеци пишуваат дека грчката суперѕвезда побарала размена, а по сите случувања, сè поизвесно е дека Бакс ќе мора да ја исполни неговата желба.
Во меѓувреме, клубот реши да направи промена на тренерската позиција и го ангажираше Тејлор Џенкинс, но останува големото прашање дали Џенкинс воопшто ќе има можност да работи со Јанис следната сезона.