Актелниот МотоГП шампион, Марк Маркез помина низ две успешни хируршки интервенции во болницата „Ruber Internacional“ во Мадрид.
По тешкиот пад за време на спринт трката за Големата награда на Франција, возачот на Ducati Lenovo Team веднаш се врати во Шпанија за итна медицинска помош.
Медицинскиот тим, предводен од д-р Самуел Антуња, изврши две различни процедури за да ги санира новите и старите повреди на шпанскиот ас.
Првата операција беше насочена кон стабилизација на фрактурата на петтата метатарзална коска на десното стапало.
Оваа повреда Маркез ја заработи вчера, по „highside“ падот во финишот на спринт трката во Ле Ман. Лекарите успешно ја фиксираа коската, со што беше отстранета непосредната опасност од понатамошни компликации.
Паралелно со првата операција, лекарите извршија и претходно планирана корекција на десното рамо. Овој зафат беше неопходен за да се отстранат две завртки и фрагмент од коска од претходна операција извршена во 2019 година.
Овие делови се поместиле по минатогодишниот пад во Индонезија и почнале да вршат притисок врз радијалниот нерв, предизвикувајќи му на Маркез силни болки по трките во Херез и Ле Ман.