Легендата на „старата дама“, Алесандро Дел Пјеро, се огласи по новиот пораз на Јувентус и порача дека вината за лошите резултати не треба да се бара само кај тренерот, туку во пошироки проблеми кои го мачат клубот.
Јувентус викендов загуби од Лацио (0:1) и ја продолжи црната серија без победа на осум натпревари, што е најдолг негативен период за торинскиот гигант во последните 16 години.
„Не мислам дека сè е до тренерот. Ова е резултат на подлабоки проблеми во тимот. Јувентус нема стабилен состав, нема 11 играчи кои можат секогаш да излезат на терен и да донесат сигурност“, изјави Дел Пјеро.
Тој посочи дека само неколкумина фудбалери, како Јилдиз и Коман, покажуваат континуитет, додека кај останатите формата премногу варира.
„Еден играч ќе биде добар на еден натпревар, потоа ќе падне. Тоа создава нестабилност. Тешко е да имаш резултати кога немаш јасна структура и кога секој натпревар мораш нешто да менуваш“, додаде поранешниот капитен.
Дел Пјеро смета дека клубот мора да направи суштински промени и да се фокусира на долгорочна стратегија, наместо на брзи решенија.