Мундијалскиот сон сè уште живее, иако треба да се поклопат и други резултати и не зависиме од себе. Сепак, не е тајна дека победа над Казахстанците е императив, а за тоа на средбата со новинарите зборуваше и голманот Столе Димитриевски.
„Многу важен натпревар за нас, очекуваме голем број навивачи на трибините и со нивна поддршка да победиме. Нашата цел е јасна, а тоа се трите бода. Ние на секој натпревар целиме да бидеме добри во напад и одбрана, тоа е целокупната игра. Белгија е поквалитетна од Казахстан и доста не напаѓаа. Сепак, и во Астана натпреварот беше доста интересен бидејќи напаѓавме и ние, но и тие. Очекувам да бидеме доминантни дома и да извлечеме позитивен резултат, а за нас тоа е само победа“, изјави Димитриевски.
Традицијата против Казахстан ни е позитивна, веќе во циклусов ги победивме во Астана, а сега целта ќе биде иста и на средбата во Скопје в понеделник од 20:45 часот.