АТП и ВТА, кои го коорганизираат Јунајтед купот, објавија дека ќе бидат дозволени тактички тајм-аути за време на натпреварите во мешани двојки на следното издание на репрезентативниот турнир, на отворањето на новата сезона.
Новото правило ќе му дозволи на играчот или на капитенот да повика тајм-аут од 60 секунди за да разговара за стратегијата со притискање на големото црвено копче во делот на тимот веднаш до теренот.
Тајм-аут може да се бара само за време на сервисот, не меѓу првиот и вториот сервис, со максимум едно користење по тим за натпреварите во мешани двојки, но не и на поединечните натпревари.
– Тајм-аутот означува прекин во играта, тоа е можност за тимовите да поразговараат за тактиката и за стратегијата и потенцијално да ја променат динамиката на натпреварот. Едвај чекаме да видиме како најдобрите светски тенисери и нивните тимови ќе ја искористат оваа нова алатка“, изјави Стивен Фароу, директор на Јунајтед купот.
Јунајтед купот ќе се игра од 27 декември годинава до 5 јануари 2025-та во Сиднеј и во Перт и на него ќе учествуваат 18 екипи, и ќе биде подготовка за првиот грен слем турнир во годината, Австралија опен.
Секоја екипа ја сочинуваат тројца тенисери и три тенисерки, а се играат машки и женски сингл, како и често одлучувачкиот натпревар во мешани двојки.