Со денешната доминантна победа над Тиквеш (35-26), „фармацевтите“ дојдоа до својата 15-та победа и со 30 бодови ќе зимуваат на врвот на табелата во следните седум недели. Натпреварот започна со изедначена игра до 3-3, но Алкалоид брзо ја презеде контролата. Со ефективни напади и силна одбрана, тимот стекна предност од 10-4, која само растеше благодарение на почетничките грешки на противникот. До крајот на првото полувреме, Алкалоид стигна до убедливи 21-9.
Во вториот дел, скопјани ја задржаа двоцифрената предност, при што крилата Петковски и Бинго немилосрдно ги реализираа шансите. Лазаров им даде можност за настап на сите свои играчи, кои максимално ја оправдаа довербата. Натпреварот заврши со конечни 35-26 за Алкалоид. Најефикасни кај победниците беа Петковски со девет гола, Серафимов со осум и Бинго со пет, додека кај Тиквеш се истакна Кривокапиќ со шест погодоци. И покрај тоа што Алкалоид и Вардар 1961 имаат ист број бодови, тимот од Автокоманда има подобар меѓусебен скор, што му го донесе лидерското место.
Пролетниот дел од ракометниот шампионат продолжува на 8 и 9 февруари 2025 година, кога ќе започне трката за титулата и пласманот во плејофот.