Реал Мадрид загуби на гости од Атлетик Билбао, со 1:2 во дербито од 16. коло на Ла лига. Со последниот неуспех, актуелниот шампион на Шпанија и на Европа, пропушти да му се приклучи на лидерот Барселона, од која сега има четири бода помалку и натпревар помалку.
Реал го загуби петтиот натпревар сезонава. Сите порази дојдоа против силните противници во Лигата на шампиони (ЛШ), од Лил, Милан, Ливерпул и во Ла лига, од Барселона и Атлетик.
Реал загуби два натпревара во текот на целата мината сезона. Сега има пет порази пред половина од сезоната! Во целата таа кампања доживеа само два пораза на 55 натпревара, двата од Атлетико Мадрид, првиот во првенството (1:3) во септември, вториот во Купот на кралот (2:4 по продолженијата) во јануари.
Но потоа не загуби ниту еден натпревар до крајот на сезоната 2023/24. Сега до почетокот на декември загуби дури пет од 24-те натпревари.
Фудбалските статистичари посочуваат уште еден показател за поразите на Реал кои уследија за многу кратко време.
Реал ги претрпе петте споменати порази на последните 11 натпревари (другите шест ги доби). Во тој краток период претрпе еден пораз повеќе отколку на претходните 73 натпревари, на кои има скор 52-17-4.