Партизан вечерва го загуби вечното дерби на домашен терен од Црвена Звезда со катастрофален резултат (0:4), а тоа по последниот судиски свиреж донесе сериозни проблеми и инциденти.
Добар дел од навивачите ги нападнаа играчите на Партизан, а посебно тренерот Станојевиќ, кој е погоден со предмет во главата и му е пробиена аркадата.
Медиумите од соседството јавуваат и за упад на најжестоките навивачи на Партизан во клупските соблекувални, каде се пресметувале со дел од играчите и стручниот штаб.
Информациите зборуваат за тоа дека има неколку повредени играчи на Партизан, Александар Станојевиќ добил фластер над окото, а според медиумите, Станојевиќ истакна дека повредите му се поради скршено стакло во соблекувалните.
– Срам за нас, за мене најголем срам е резултатот, им се извинувам на сите навивачи, загубивме без крв на терен. Ривалот ја посакуваше победата и ја доби, ја преземам одговорноста, ова ми е најтешкиот пораз во кариерата. Морав да ве испочитувам и да дојдам на прес, незадоволни навивачи скршија стакла во соблекувалните и дел од стаклот ме погоди во глава, имаше крв, но не сакавме да ја избегнеме пресконференцијата, не сакавме да правиме театар, ги разбирам навивачите, бесни се на овој пораз. Јас некогаш заминав од Партизан кога имавме 98 бодови на табелата, но пораката од нив дека сум се продал, не ми е јасно, на кој се продадов?, заклучи Александар Станојевиќ на пресот.