Откако неодамна Светислав Пешиќ изјави дека на српската кошарка ѝ претстојат многу тешки денови, сега Новак Ѓоковиќ слично констатира и за клупскиот тенис кај нашиот северен сосед.
Разликата е во тоа што Ѓоковиќ го прогласи тенисот во Србија за умрен затоа што нема клупски активности, а со тоа и можноста да излезат нови тенисери оттаму.
-Клупскиот тенис кај нас е мртов. Партизан не се натпреварува со години, државните првенства во младински и сениорски категории, тоа е ниво кое некогаш беше многу високо и таму имаше голем број тенисери со кои спарингував, а беа подобри од мене. Тоа е еден голем проблем кој не може да го реши никој друг, освен Сојузот и се надевам дека наскоро ќе се променат некои работи. Не можеме да живееме само од успесите и да се надеваме дека ќе опстанеме уште некои шест месеци, а така се поставуваат работите и функционираат веќе 20 години. Има приватници, академии и клубови, но на национално ниво нема организација на која би можеле да се потпреме, рече Ѓоковиќ.
Неговата кариера се ближи кон крајот, тој веќе има 37 години, а Србија нема соодветна замена или тенисер кој би можел во блиска иднина за успеси на највисоко ниво. Најголема надеж во моментов е Хамад Меџедовиќ кој кој има 21 година и во моментов е 102. на АТП листата. Во топ-100 се Миомир Кецмановиќ (53) и Душан Лајовиќ (65), но тие се веќе во поодминати години и без забележителни успеси во нивните кариери.