(ВИДЕО) Во Кина отворена најголемата затворена скијачка патека на светот

Најголемата затворена скијачка патека во светот денеска беше отворена во Шангај, по најтоплиот август во Кина во последните 60 години, во земјата која е најголем емитер на стакленички гасови во светот.

Во форма на глечер и со површина од речиси 100.000 квадратни метри, „L*SNOW Indoor Skiing Theme Resort“ се наоѓа на час и половина од центарот на Шангај, во областа Пудонг.


Внатре има седечница, жичарница и мал воз што ги превезуваат посетителите на четири скијачки патеки. Центарот денеска беше потврден и од Гинисовата книга на рекорди како најголем затворен скијачки центар во светот, пред Харбин, исто така во Кина.

Во 9 часот утрунава, температурите во Шангај достигнаа 30 степени, на плоштадот во алпски стил каде што се одржа церемонијата на свеченото отворање, но додека гостите влегоа во комплексот, живата падна многу под нулата!

Во оваа земја населението се’ повеќе се вљубува во зимските спортови, а посетителите очилата за сонце и маичките ги заменија со скијачки комбинезони.

И покрај постојаните рекордни виски температури, силната владина поддршка и зголеменото интересирање на средната класа за зимските спортови ја поттикнаа кинеската скијачка индустрија, особено откако Пекинг беше домаќин на Зимските олимписки игри (ЗОИ) 2022 година.

Кина е светски лидер во скијачки патеки во затворени простории, со половина од првите 10 патеки во светот!

– Порано немаше скијачки центри и начини за вежбање во текот на летото околу Шангај. Затоа, јас сум прилично среќна, изјави за АФП, сноубордерката Синтија Џанг.

Во август, извештајот на локалните власти во Шангај потврди дека овој тип на проект „неизбежно ќе троши многу енергија“.

Но, тие нагласија дека новиот комплекс е изграден со цел да се максимизира повторната употреба на енергијата, благодарение на системот за складирање мраз и обновување на отпадната топлина, како и екстензивните фотоволтаични објекти на покривот.

Првично планирано за 2019 година, отворањето беше одложувано неколку пати.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО