Репрезентацијата на Македонија ги почна подготовките за новата кампања во Лигата на нации (ЛН). Прв противник на Македонија се Фарските Острови, на гости, во сабота.
Димитар Митровски, 25-годишниот офанзивец на Вараждин, кој повторно доби шанса да го носи националниот дрес, вели дека не постојат однапред добиени натпревари.
– Мило ми е што повторно сум дел од репрезентацијата. Во тимот владее позитивна атмосфера. Нашата цел е првото место. Почеток на сезона е, сите момци се максимално спремни и желни за добар резултат.
Кога се игра за Македонија треба да се дава повеќе од 200 отсто. Секогаш сум го давал најдоброто во националниот дрес, така беше и во младинските категории, а така ќе биде и во иднина, рече Митровски.
И фудбалерот на Бохум, Агон Елези вели дека целта на Македонија е првото место во групата.
– Во модерниот фудбал нема предвреме добиени натпревари. Фарските Острови се многу незгоден ривал. Мора да се прилагодиме на нивната подлога (вештачка трева), но верувам во моите соиграчи и во позитивен резултат. Македонија во оваа група цели кон првото место со оглед на нашиот квалитет имаме право да веруваме, изјави Елези.