(ФОТО/ВИДЕО) Спектакл во Белград! Околу 70.000 луѓе ги пречекаа српските спортисти од ОИ

Десетици илјади белграѓани синоќа им приредија спектакуларен пречек на српските олимпијци и со овации ги поздравија освојувачите на медали, Новак Ѓоковиќ, Зорана Аруновиќ, Дамир Микец, Александра Перишиќ, кошаркарите и ватерполистите.

Навивачите со воодушевување ги пречекаа освојувачите на златниот медал, Ѓоковиќ, Аруновиќ, Микец и ватерполистите, сребрените Перишиќ и бронзените кошаркари. Најдобриот светски тенисер изјави дека ова е најважната победа во неговата кариера.

– Ова е неверојатно. Сум имал чест и задоволство да бидам на овој балкон неколку пати во мојата кариера, но секој пат се’ повеќе ме изненадувате и го инспирирате секој од нас што стои овде.

Не сте свесни колку сила ни давате. Најубавото чувство што може да го доживее спортист од Србија. Да живее Србија!, порача Ѓоковиќ.


Сребрената таеквондистка Александра Перишиќ за прв пат се искачи на балконот.

– Дали ми се „отсечени“ нозете? Да! Ви благодариме што бевте таму кога беше најтешко и што ни дадовте ветер на грб и сила да издржиме се’. Да живее Србија!, извика Перишиќ.

Алекса Аврамовиќ зборуваше во името на кошаркарите.

– Ви благодарам многу што дојдовте да не’ поздравите. Бевме инспирација и поддршка едни на други, сите овие денови во Париз. Ви благодарам многу. Пет медали, тоа е круна на сето она што го градевме сите овие години. Ви благодарам многу, да живее Србија. Слава му на Бога, рече Аврамовиќ.

Зорана Аруновиќ рече дека медалот им припаѓа на сите навивачи, а Микец се пошегува дека Игрите вечерва завршиле бидејќи конечно се вратил од Париз.

Тренерот на ватерполо селекцијата, Урош Стевановиќ подвлече дека е „потешко да се појавиш пред навивачите отколку да играш во полуфиналето и финалето на Олимписките игри“. Капитенот на ватерполистите, Никола Јакшиќ додаде дека поради таквиот пречек вреди се’ што направиле.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО