Петто олимписко злато во низа за Американците

Кошаркарите на САД го освоија златото на Олимписките игри (ОИ) победувајќи го  во финалето домаќинот, Франција со 98:87.

Американците водеа во текот на целиот натпревар, но Французите не дозволија да се одлепат до посериозна предност. Сепак, во драматичната завршница, неверојатниот удар на Стивен Кари беше одлучувачки фактор.

Последното водство на Франција беше она од 27:26 на стартот од втората четвртина. САД пак во два наврата до крајот на полувремето успеаја да стигнат до +10, и на пауза да заминат со 49:41.

Во третата четвртина во неколку наврати се чинеше дека Американците можат да го решат натпреварот бидејќи главно имаа двоцифрено водство, но Французите успеаја да се „вратат“.

Особено драматично беше во финишот. На три минути до крајот Виктор Вембањама ја донесе Франција на само три поени заостанување, но потоа на сцена стапи феноменалниот Кари.

Најдобриот тројкаш на сите времиња постигна четири тројки во последните две минути и ги предводеше САД до петтото последователно олимписко злато.

Кари беше најдобар стрелец на САД со 24 поени, плус пет асистенции. Девин Букер и Кевин Дурент постигнаа по 15, а Леброн Џејмс забележа 14 поени, 10 асистенции и шест скока.

Франција ја предводеше Виктор Вембањама со 26 поени и седум скока, а Гершон Јабуселе постигна 20 поени.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО