Македонскиот атлетичар. Дарио Ивановски на маратонската трка на Олимписките игри (ОИ) во Париз забележа време од 2:28,15 часа. Ивановски е државен рекордер во оваа дисциплина со време од 2:08,26 часа истрчани во Севилја во феруари годинава.
– Го дадов максимумот во моментов, иако знам дека можев и подобро, но секој истрчан маратон е успех.
Имав мала повреда на коленото, на петиот, шестиот почнав да ја влечам ногата и не можев да продолжам со истото темпо како на почетокот. Сега претстои време за опоравување и фокусирање на следните цели, изјави по трката Ивановски.
Златниот медал го освои Тамират Тола (32) од Етиопија со време 2:06:26 часа што е нов олимписки рекорд, подобар за шест секунди од стариот рекорд на Кениецот, Самјуел Ванџиру од Пекинг 2008 година.
Тола во последен миг, пред неполн месец, се најде во селекцијата на Етиопија за ОИ, по повредата на неговиот сонародник, Сисај Лема.
Како второпласиран со сребро се закити Башир Абди од Белгија со време од 2:06:46 часа, а бронзениот медал го освои Бенсон Кипруот од Кенија со време од 2:07.00 часа.