Хари Кејн е новиот рекордер на Европските првенства

Англија ќе игра во второто по ред финале на Европските првенства (ЕП) по победата против Холандија (2:1) во полуфиналето.

На последното ЕП Италија беше подобра во финалето, а сега избраниците на Герет Саутгејт ќе се обидат против Шпанија да го освојат второто големо натпреварување во историјата на англиската репрезентација, по светската титула во 1966 година.

Голот на Хари Кејн од пенал беше негов 66-ти за Англија на 97-от настап за националниот тим. Кејн, 30-годишниот напаѓач на Баерн Минхен, убедливо е најдобар стрелец во историјата на англиската репрезентација, пред Вејн Руни со 53 гола на 120 и Боби Чарлтон со 49 гола на 106 меча.

Напаѓачот и капитенот на Англија со голот против Холандија го собори и рекордот на Европските првенства. Тоа беше негов шести гол во нокаут фазата, што досега на никого не му успеало.

Кејн постигна четири гола во нокаут фазата на ЕП 2021 и два на ЕП 2024. Тој го собори рекордот на Французинот Антоан Гризман, кој има дадено пет гола, сите на ЕП 2016. Зад нив се четворица играчи кои постигнале по четири гола во нокаут фазата на ЕП.

Тоа се Герд Милер, кој ги постигна за Западна Германија во 1972 година, потоа Дитер Мулер, за З. Германија 1976, Нуно Гомеш, кој постигна три гола на ЕП 2000 и еден на ЕП 2008-та, како и Драган Џаиќ, кој даде по два гола за Југославија на ЕП 1968 и 1976 година.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО