Ѓоковиќ не се откажува од Вимблдон: Ќе играм ако почуствувам дека можам да се борам за титулата!

Седумкратниот шампион на Вимблдон, Србинот Новак Ѓоковиќ, охрабрен е од напредокот по малата операција на коленото пред помалку од три недели. Тој најави дека ќе игра на грен слем турнирот што почнува идната недела (од 1 до 14 јули) доколку почувствува оти може да се бори за титулата!

Ѓоковиќ (37) го повреди коленото на мечот од четвртото коло на Ролан Гарос и се повлече од четвртфиналето по што беше опериран на 6 јуни. Со тоа тој под знак прашалник го стави настапот на Вимблдон, но и на Олимписките игри (ОИ) во Париз.

Српскиот тенисер кој веќе го потврди настапот на ОИ, објави видеа од враќањето на тренинзите на Инстаграм минатата недела. По пристигнувањето во Ол Ингланд клубот во Лондон во неделата тој веднаш почна со тренинзите.

– Не дојдов овде за да играм неколку кола. Доколку можам да играм блиску до најдоброто или најдобро, тогаш ќе играм. Ако не, ќе му дадам шанса на некој друг да игра на Вимблдон, изјави Ѓоковиќ за „Би-би-си“ по тренингот во понеделникот.

Светскиот рекет број 2 сака да стави крај на „сушата“ бидејќи годинава нема победено на ниту еден турнир. Лани освои три од четирите грен слема, но и натаму ја брка 25-та титула.

Лани единствениот пораз на грен слем турнирите го претрпе на Вимблдон, од Шпанецот Карлос Алкараз, во пет сета.

– Рехабилитацијата оди во вистинската насока, секој ден се чувстувам се’ подобро и подобро. Тоа е она што ми дава надеж и мотив да продолжам. Се’ уште не се оптоварувам максимално, но се надевам оти тоа ќе се случи следните денови, додаде тој.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО