На сопственикот на кошаркарскиот клуб Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, грчкиот суд му изрече забрана за присуство на натпревари во националната лига во траење од осум месеци и парична казна од 35.000 евра за „дејствија и изјави кои претставуваат клевета на спортот“. Поради истата причина, клубот Панатинаикос е казнет со 50.000 евра.
Станува збор за постапките на Јанакопулос во петтиот натпревар од финалната серија на грчката лига, во кој Панатинаикос го победи Олимпијакос и ја освои шампионската титула.
Јанакопулос, кој беше во арената и покрај тоа што претходно доби тримесечна суспензија (што беше под жалба), постојано им се обраќаше на судиите во текот на натпреварот и викаше по нив додека одеа кон соблекувалната по натпреварот.