(ВИДЕО) НБА, плеј-оф, финале: На Дончиќ и на Далас им се заканува „метла“, Бостон поведе со 3:0

Бостон селтикс го совлада Далас маверикс, на гости со 106:99 со што поведе со 3:0 во финалната серија и е на чекор до титулата во НБА лигата, 18-та во клупската историја, прва од 2008-та.

На Лука Дончиќ и на неговите колеги им се заканува „метла“, или пораз со 0:4, а освојувањето на титулата речиси „невозможна мисија“ бидејќи ниту еден тим во историјата на НБА лигата не успеал да се врати од негатива од 0:3 и да триумфира, во дури 156 обиди!

На почетокот од четвртиот период се чинеше дека Бостон веќе го реши натпреварот кога направи серија од 20:5 и имаше убедлива предност, 91:70. Но Далас не се откажа, возврати со своја серија и успеа да намали само на еден поен, 92:93.

Сепак во финишот кошаркарите на Бостон беа подобри и го искористија моментот по шестте лични грешки на Дончиќ, на 4,12 минути до крајот на мечот.

Џејсон Тејтум и Џејлен Браун и беа најзабележителни во Бостон со постигнатите 31, односно 30 поени. Кај Далас, најефикасен беше Кајри Ирвинг со 35 поени, а Дончиќ даде 27.

– Не е готово додека не е готово. Треба да веруваме. Како што секогаш велам, победува тој што прв ќе добие четири меча. Ќе останеме заедно. Заедно губиме, заедно победуваме, изјави Дончиќ.

Бостон ќе ја има можноста да ја освои титулата во сабота рано наутро, кога повторно гостува во Далас.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО